Општина Виница

СОУ „Ванчо Прќе“ по третпат се закити со Зеленото знаме на еко училиште

Создадено: Вторник, 28 Ноември 2017 11:56

На последниот Еко самит во Скопје, СОУ „Ванчо Прќе“, Виница, застана рамо до рамо со зелените училишта во Македонија и во регионот. По третпат го доби високото признание за Еко училиште добивајќи го статусот „Зелено знаме“ од страна на МОН и невладината ОХО, како потврда за максималната реализација на проектот „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.

Овие квалификации се потврда на почитувањето и имплементирањето на четирите еко-стандарди прилагодени со наставната програма за средно образование, како и континуираното учество во многу еколошки акции како „Македонија без отпад“ и „Засади дрво за мир“. Училиштето учествуваше и на конкурсите „Млади репортери за животна средина“, „Еко модна ревија“ и многу други проекти за унапредување на здравјето, подобрување на хигиената, кампањи за заштеда на вода, енергија, собирни акции и сл.
Според Елида Ангелова, координатор на еко активностите во училиштето, „придобивките од еко-програмата се евидентни, зголемена е одговорноста и свесноста за здрава еколошка средина и позитивна клима во училиштето, зголемена е мотивираноста и вклученоста на учениците и вработените за еколошките активности, остварени се финансиски заштеди, а се очекува реализација и на покрупни еко проекти во наредната учебна година“.