Мени



Веб страни

Соработници

Известувања

Мобилност

Читај online

Општина Виница

33-ти МФФ „Истибањско Здравоживо“

Истибањско здравоживо- мотото на фестивалот само по себе e гаранција за великодушноста и гостопримловиста на жителите на с.Истибања, кои веќе четврта деценија пречекуваат и испраќаат фолклористи од цел свет. Да се негува, чува, развива и надградува едно такво фолклорно богатство кое некој го оставил во наследство, а друг го чува и пренесува од генерација на генерација, тој континуиран процес и не е едноставен имајќи ги во предвид апетитите и желбите на новите генерации, кои целосно се косат со традицијата.

Меѓутоа, Истибанки како да имаат оставено завет кој си го пренесуваат од бабите на внуките или пак внуците и така, веќе четврта деценија го поддржуваат постоењето на ФА “Китка“, кој континуирано го обновува својот подмладок, а во исто време расте и бројот на возрасните членови кои тука го пронаоѓаат “издувниот вентил“ од секојдневието.
Фестивалот практично е заокружување на прошетките и настапите на фолклористите од “Китка“ во изминативе 8 месеци, кои неуморно одговараат на сите покани за учество и настапуваат секаде каде можат финансиски, но и физички да стасаат. Со еден збор кажано, членовите на “Китка“ буквално го прошетаа светот, и има уште, велат тие, научија многу за културите и народите, но сакаат уште и уште. И целата таа придобивка од членството во “Китка“ и не е мала, бидејќи таква привилегија на друго место и не може да се најде.
И така, година по година, Стојко Митковски, како прв и сеуште актуелен уметнички раководител со целосна подршка од општината, деновиве го реализира 33-от МФФ “Истибањско Здравоживо“ . Кога одиш на гости, треба и да ти дојдат, но сите не можат, изборот на гостите од година во година мора и да се стеснува, бидејќи ние не сме Турција каде се одвојуваат милионски суми за детски фестивали, а се гледа и во нивните настапи, ние сме општина Виница, и секаква споредба со некои грандиозни фестивали и суми е залудна.
Но сепак, иако изборот годинава се сведе само на седум странски и повеќе домашни ансамбли, кои во Истибања викендов го презентираа она што го имаат како свое обележје од местото и земјата каде доаѓаат, а оценката на публиката е индивидуална, секој мери и цени според својот личен вкус, но во целина, првата фестивалска вечер помина токму онака како што се очекуваше. За првпат свое обраќање имаше првиот човек на Сојузот на Фестивали, Антонио Димитровски, кој нагласи дека Фестивалот “Истибањско здравоживо“ е на највисок ранг на листата на овие меѓународни фестивали.
Градоначалникот Ивица Димитров за првпат ја имаше честа да го отвори овој фолклорен настан, кој ќе се заокружи во среда со гала концерт на плоштадот “Ангел Винички“.
Новитети нема, но има многу дружба, игра, а ќе се роди и по некоја нова љубов, сепак сите тие учесниците се само деца кои светот во овој момент го гледаат само низ шарените бои на фолклорот.
Општина Виница
ул. Бел Камен бр. 13
телефон: 033 361-945, mail: ovinica@t-home.mk