Општина Виница

Официјална посета на делегација од Општина Виница на збратимената Општина Орхангази, Република Турција

Создадено: Вторник, 22 Јануари 2013 13:42

По покана на гимназијата Уретмен Ејуп Топчу Анадалу од Орхангази и Градоначалникот на Орхангази во периодот 3-9 Ноември 2012 година се оствари официјална посета на делегација од Општина Виница составена од претставници на збратименото училиште СОУ „Ванчо Прке„ (директорот Зоран Ангелов, 5 наставници и 14 ученици) претставници од Локалната Самоуправа на Општина Виница (Вики Симова – советник за меѓународна сорабтка и ЕУ интеграции и Валентина Манчевска – соработник за образование), Игор Спасов - директор на на ЈКП „Солидарност„ и Славко Данев-директор на Дом на Култура „Тошо Арсов„.

Првиот ден од протоколот бевме примени со срдечно добредојде во гимназијата од страна на директорот на училиштето, г-дин Билаљ Кузу, наставници, директорот за образование на Орхангази, г-дин Неџметтин Шахин, претставник на Општина Орхангази и локалните медиуми.

Попладнето имавме заедничка прошетка со домаќините и Турци наши иселеници од Македонија што живеат во Орхангази кои потекнуваат од нашиот крај (Градец,Пеклани,Блатец,Трсино) до езерото покрај градот Орхангази и заедно го разгледавме туристичкиот комплекс и потенцијалите за езерски туризам.


Вториот ден бевме гости на Градоначалникот на Орхангази г-дин Исмаил Тартар на „Фестивалот на зејтинот„ на градскиот плоштад каде имаше организирано богат протокол со присуство на многу граѓани и важни личности од политиката, јавниот живот и бизнисот. На фестивалот на зејтинот настапија три локални фолклорни групи и имаше доделување на награди за најдобри производители на маслинки и зејтин како и избор на убавици на фестивалот на зејтинот.

На крајот на денот имаше организирано свечена вечера за сите нас гостите и домаќините каде што Градоначалникот на Орхангази- г-дин Исмаил Тартар се обрати на присутните со топли поздрави и срдечно добредојде за гостите од Македонија во нивниот град. Тој потенцира дека многу е среќен што може да биде домаќин на делегација од градот Виница, Република Македонија со која имаат одлични пријателско-братски врски и меѓународна соработка на повеќе полиња досега (образование, култура и туризам) а се надева дека во иднина таа соработка ќе се продлабочи и во областа на економијата и бизнисот помеѓу двете збратимени општини.
Градоначалникот на Орхангази најави многу наскоро негова посета на Општина Виница по покана на Градоначалникот Емил Дончев на кого му упати лично големи поздрави и меѓународна поддршка во неговото работење се за развој на Виница и околните места. Посетата се планира да биде заедно со група на турски бизнисмени од Орхангази и директорот за образование на Орхангази со кои тогаш се остварија директни средби и договори.
Истиот ден попладне се посети изложба на ракотворби организирана од здружение на жени од Орхангази со финансиска поддршка на нивниот градоначалник.


Вториот ден попладне посетивме уште едно средно училиште во Орхангази Анадолу Уретмен во кои се спремаат кадри избрани на конкурс за наставници и кое се наоѓа во нова современа населба на ридот во Орхангази.Таму се оствари средба со директорот г-дин Осман Ајдемир, наставници и ученици каде се разменија искуства и практики за нивната работа и настава во училиштето. се разгледаа кабинети за настава и се разменија идеи за проекти за идна соработка.

Третиот ден имавме прием кај Градоначалникот г-дин Исмаил Тартар во општинската зграда во Орхангази каде сите од делегазијата добивме подароци и бевме многу топло пречекани од него и неговите соработници.

Потоа се посети канцеларијата на директорот за образование на Орхангази, г-дин Неџметтин Шахин кој се обрати на делегацијата од Општина Виница и мегу другото истакна дека многу се радува на тоа што сме во нивниот град каде исто така по протоколот имаше прием од страна на Кајмакамот на Орхангази, г-дин Мустафа Селман Јурдаер кој е назначен од Владата на Р.Турција како најважна и најмоќна политичка личност за Орхангази.


Од страна на Кајмаканот на Орхангази бевме пречекани со познатиот турски чај и ни беа доделени лично од него поклони за пријателство и соработка.

На него му беше врачена усна покана од името на Градоначалникот на Општина Виница, г-дин Емил Дончев за посета на Виница а тој со огромно задоволство ја прифати со желби за поголема и продлабочена меѓународна соработка во иднина на полето на образованието , културата и бизнисот со Општина Виница, Р.Македонија.

Потоа бевме многу срдечно и гостопримиво пречекани во клубот на нашите иселеници во Орхангази во македонското Хуријет маало каде бевме примени од директорот на агенцијата на иселеници од Балканот за Општина Орхангази г-дин Али Дурмуш.Од страна на нашата делегација, директорот на гимназијата им подари Македонско знаме за спомен од нашата посета а тие ни подарија Турско знаме во знак на големото пријателство со Турскиот народ.

Во тоа маало живеат околу 2000 Македонци кои потекнуваат од нашата општина (Градец, Блатец, Липец, Пеклани, Трсино). Попладне за време на посетата се организираше посета на градот Бурса со неговите историски и културни знаменитости како што е Топане и гробовите на првите султани на Отоманската империја султаните Осман Гази и Орхан Гази со нивните фамилии, една од најстарите џамии во Турција (Улу Џамија), Капали чаршија, безистенот со продавници на рачни ракотворби и City Mall - Анатолиум).
Последниот ден во Орхангази преставниците од Општина Виница заедно со Директорот на ЈКП „Солидарност„ имаа посета на полициската станица на Орхангази, четири приватни компании од различни дејности (производство на земјоделска механизазија, производство на бетонски елементи, текстилна компанија за производство на акрилно предиво, производство на мермер и керамички плочки и разни видови на камени плочи) и како најзначајна од сите беше посетата на стопанската комора на Орхангази каде имавме работна средба со неколку нејзини членки и по презентација на економските можности за соработка се договори посета на делегација на турски бизнисмени на Општина Виница со цел нивно инвестирање во нашата опшптина и јакнење на бизнис соработката помеѓу компании од градовите Виница и Орхангази.


Турските фирми искажаа голем интерес за посета на Македонија и Општина Виница и се надеваат дека со Градоначалникот Емил Дончев на чија иницијатива ќе се организира нивната посета во Виница ќе се отворат нови можности за соработка во текстилната, автомобилската, машинската, градежната, прехрамбената индустрија, агробизнисот, хотелиерството и спа туризмот за што веќе е во завршна фаза изработката на Урбанистичкиоп план за „Топлички рид„ во непосредна близина на Виница и можност за искористување на геотермалните води за бањски туризам и оранжериско производство.Турските локални медиуми постојано ги следеа нашите активности и имаше голем број на написи во локалните весници „Лидер„ и „Гунџел„ за посетата на делегацијата на Општина Виница на Орхангази. Последниот ден од престојот во Турција беше предвиден за Истанбул со посета на културно историски и туристички атракции Бајазит џамија, Капали чаршија и Аја Софија.

Меѓународнота соработка на Општина Виница со повеќе општини од разни држави значи многу за нејзиниот развој на секое поле и секако подобрување во нејзината отвореност кон нови предизвици и воведување на успешни практики од други земји и народи се со цел осовременување и економски развој на општина Виница за подобрување на социо-економска благосостојба на сите граѓани.

Подготвиле:
Вики Симова, советник за меѓународна соработка и ЕУ интеграции
Валентина Манчевска, соработник за образование