Мени



Веб страни

Соработници

Известувања

Мобилност

Читај online

Статут на Општина Виница

Индекс на артикл

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
СТАТУТ НА ОПШТИНА ВИНИЦА
Бр. 07-906
03.09.2010 год.
ВИНИЦА

 

I. Основни одредби

Член 1

Општината Виница (во понатамошниот текст општина) е единица на локална самоуправа, во која граѓаните го остваруваат правото на локалната самоуправа.
Правото на локалната самоуправа се остварува преку претставници во органите на Општината и со непосредно учество во одлучувањето.

Член 2

Граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано место на живеење на подрачјето на Општината, се жители на Општина Виница.
Подрачјето на Општината е утврдено со Закон и ги опфаќа подрачјата на населените места градот Виница и селата: Блатец, Липец, Градец, Лаки, Лески, Пеклани, Крушево, Драгобраште, Трсино, Трстија, Грлани, Калиманци, Виничка Кршла, Црн Камен, Јакимово и Истибања.

Член 3

Општината Виница е правно лице.

Член 4

Седиштето на Општината е во Виница ул.„Бел Камен“ бб.

Член 5

Општината има право на сопственост на неподвижни и подвижни ствари, парични средства и права.

Член 6

Општината има грб, знаме, свечена песна-химна.
Општина Виница има грб кој ја претставуваат нејзините историски, културни, стопанско економски и еколошки карактеристики.
Грбот на општина Виница има форма на отсечен штит или германска форма.
Амблемот има хералдички фигури и тоа: 1/4 од висината на подножјето на левата страна бојадисано со зелена боја, а нехералдички фигури (од природата) на зелената површина е поставен жолт грозд 1/8 од висината, на 2/3 од висината е нанесена силуетата на археолошкиот локалитет „Кале“ во црвена боја, на 1/8 од висината на грбот централно е поставен „Константиновиот крст“ со големина 1/4 во жолта контура и црвена испуна, тополите се со иста големина како и крстот во зелена боја поставени на десната хералдичка страна централна во однос на хоризонталата од крстот, сонцето е содржано во ширината на грбот на 1/8 од висината во жолта боја, позадината од силуетата на „Калето“ е во сина боја.
Во горниот дел од грбот во форма на лента е испишано името на градот.
Бои на грбот: црвена, зелена, сина, жолта.
Грбот на Општина Виница се утврдува со Одлука на Советот на Општина Виница.


Член 7

Општината има знаме утврдено со Одлука на Советот на Општина Виница.
Знамето на општина Виница е составено од следните елементи:
Централно во средината е поставен стилиризиран – амблем теракотна икона со златно жолта боја.
Над теракотната икона е претставено Виничко Кале, со иста боја како и теракотната икона, симбол за археолошкиот локалитет од каде произлегол животот и настанокот на градот и општината, каде се пронајдени теракотните икони.
Знамето е во две бои: Горната половина на знамето е со сина боја која означува „Вода“, а долната со црвена боја која означува „Живот“.

Член 8

Општината има печат со тркалезна форма со пречник од 3,3 см во чија средина се наоѓа грбот на општината и на чии рабови е испишано Република Македонија-Општина Виница.
Печатот што го употребува Советот на Општината во вториот ред има натпис „Совет на Општината“.
Печатот што го употребува Градоначалникот во вториот ред има натпис „Градоначалник“.
Печатот што го употребува општинската администрација има натпис „Општинска администрација“.

Член 9

Празник на Општина Виница е 30-ти Август.
Празник на градот Виница е 13-ти Јули Павловден.

Член 10

Општина Виница востановува Општински признанија и награди.
Условите и начинот на доделување на наградите и признанијата се утврдуваат со Одлука на Советот на Општината.

Член 11

Општината може со Одлука донесена од страна на Советот на Општината, да се здружува во здруженија во согласност со Закон.

Член 12

Општината може да соработува со општините од Републиката, со единиците на локалната самоуправа од други земји, како и со меѓународни организаци на локални заедници, како и да членува во меѓународни организации на локалните власти.
Општината, заради остварување на заеднички интреси и вршење на заеднички работи од нивна надлежност, може со други општини од Републиката да здружува средства и да формира заеднички јавни служби, во согласност со Закон.

Член 13

Органите на Општината како и телата на Советот и јавните служби се должни да ги информираат граѓаните за својата работа и за плановите за развој како и да им овозможат пристап до информациите на начин уреден со овој Статут.


II. Надлежност на општината

Член 14

Општината сaмостојно во рамките на Законот и овој Статут ги уредува и врши работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со Законот за локална самоуправа или друг Закон, како и работите кои не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Член 15

Општината е надлежна за вршење на следните работи:

1. Урбанистичко (урбано и рурално) планирање, издавање на одобренија за градење на објекти од локално значење утврдени со Закон, уредување на просторот и уредување на градежното земјиште;

2. Заштита на животната средина и природата, во смисла на преземање на мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење;

3. Локален економски развој, во смисла на планирање на локалниот економски развој, утврдување на развојни и структурни приоритети, водење на локална економска политика, поддршка на развојот на мали и средни претпријатија и на претприемаштвото на локално ниво и во тој контекст учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;

4. Комунални дејности, во смисла на снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведување и пречистување на отпадни води, одведување и третман на атмосферски води, јавно осветлување, одржување на јавна чистота, собирање, транспортирање и постапување со комунален цврст и технолошки отпад, уредување и организирање на јавниот локален превоз на патници, одржување на гробовите, гробиштата и давање погребални услуги, изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта и улици и други инфраструктурни објекти, регулирање на режимот на сообраќајот, изградба и одржување на улична сообраќајна сигнализација, изградба и одржување на пазари, чистење на оџаците, одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини, регулација, одржување и користење на речните корита во урбанизирани делови, определување на имиња на улици, плоштади и други инфрастуктурни објекти;

5. Култура, во смисла на институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти, негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности, организирање на културни манифестации, поттикнување на разновидни специфични форми на творештво;

6. Спорт и рекреација, во смисла на развој на масовен спорт и рекреативни активности, организирање на спортски приредби и манифестации, одржување и изградба на објекти за спорт како и подршка на спортски сојузи; 7. Социјална заштита и заштита на деца, во смисла на финансирање, инвестиции, одржување и сопственост на детски градинки и домови за стари, остварување на социјална грижа за инвалидни лица, деца без родители и родителска грижа со воспитно – социјални проблеми, со посебни потреби, од еднородителски семејства како и деца од улица, деца изложени на социјален ризик, засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол, подигање на свеста на населението, домување на децата со социјален ризик, остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст;

8. Образование, во смисла на основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта во соработка со централната власт, во согласност со Закон, како и организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;

9. Здравствена заштита, во смисла на управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита во кои Општината е застапена во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравствено воспитување, унапредување на здравјето, превентивни активности, заштита на здравјето на работниците и заштита при работа, здравствен надзор на животната средина, надзор над заразните болести, помош на пациентите со специјални потреби и други области определени со Закон;

10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последици предизвикани од нив;

11. Противпожарна заштита вршена од територијална противпожарна единица;

12. Надзор над вршењето на работи во надлежност на Општината;

13. Други работи определени со Закон.


Член 16

Работите од членот 15 на овој Статут се уредуваат со прописи на Советот на Општината, во согласност со постапките и стандардите утврдени со Закон.
Работите од член 15 на овој Статут кои задолжително ги извршува општината ќе бидат определени со посебните закони и национални програми.

Член 17

Работите кои не се исклучени од надлежност на Општината или не се во надлежност на органите на државната власт се определуваат со Одлука на Советот на Општината.
Со Одлука од став 1 на овој член се уредува начинот и постапката за вршење на тие работи.

III. Организација и работа на органите на општината

1. Совет на општината

Член 18

Советот на Општината е претставнички орган на граѓаните.
Советот на општината го сочинуваат 15 претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
Мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години.
Членот на Советот не може да биде отповикан.

Член 19

Советот на Општината избира претседател од редот на членовите на Советот, со мандат од 4 (четири) години.
Претседателот на Советот ги свикува и раководи со седниците на Советот на Општината, се грижи за организацијата и работата на Советот и ги потпишува прописите што ги донел Советот и во рок од 3 (три) дена од денот на нивното донесување ги доставува на Градоначалникот заради објавување.

Член 20

Членовите на Советот даваат и потпишуваат свечена изјава која гласи:
“Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член на Советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, законот, прописите на Советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Македонија“.


Член 21

Советот на Општината ги врши следните работи:
1.Донесува Статут на Општината;
2.Донесува Деловник на Советот;
3.Донесува Програма за работа;
4.Донесува Буџет на Општината и Годишна сметка на Општината;
5.Ја утврдува висината на стапките на даноците и висината на надоместоците и таксите;
6.Донесува Генерален урбанистички план;
7.Донесува Детални урбанистички планови и урбанистичка документација за населено место во Општината;
8.Донесува Програма за уредување на градежно земјиште;
9.Донесува Програма за одржување на сообраќајната сигнализација;
10.Донесува Одлука за регулирање на режимот на сообраќајот;
11.Донесува прописи од областа на заштитата на животната средина и природата, локалниот економски развој, културата, спортот и рекреацијата, социјалната заштита и заштита на децата, образованието, здравствената заштита, противпожарната заштита, во рамките на надлежноста определена со посебен Закон или во согласност со националната програма; 12.Донесува Програма за изградба и одржување на локални патишта и улици;
13.Донесува Програма за јавно осветлување;
14.Донесува Програма за изградба, реконструкција и одржување на локалниот водовод;
15.Донесува Програма за одржување на јавна чистота;
16.Донесува Програма за одржување и користење на парковите и други јавни површини од локално значење;
17.Донесува Програма за одржување на гробиштата;
18.Донесува Програма за одржување и користење на реките во урбанизирани подрачја;
19.Донесува Одлука за јавна чистота;
20.Донесува Одлука за начинот на превоз во градскиот и приградскиот сообраќај;
21.Донесува Одлука за одржување и користење на јавните пазари;
22.Донесува Одлука за начинот на користење и одржување на гробиштата;
23.Го уредува начинот на чистењето на оџаците;
24.Го уредува одржувањето на јавниот простор за паркирање и начинот на неговото користење;
25.Определува имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти од локално значење;
26.Ја утврдува организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, на предлог на Градоначалникот;
27.Основа јавни служби и врши надзор над нивната работа;
28.Именува членови во Управните одбори на јавните служби, кои ги основа;
29.Усвојува Програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала;
30.Одлучува за давање дозволи за вршење дејност од јавен интерес од локално значење во согласност со закон;
31.Ги усвојува извештаите за работа и годишните сметки на јавните служби кои ги основала;
32.Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината;
33.Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на Буџетот на општината, во согласност со Закон;
34.Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со Закон;
35.Го разгледува и усвојува Годишниот извештај за јавна безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до Министерството за внатрешни работи и Народниот правобранител;
36.Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот;
37.Избира и разрешува Претседател на Советот;
38.Формира постојани и повремени комисии;
39.Врши одделни овластувања во согласност со Законот врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на подрачјето на општината;
40.Востановува општински признанија и награди;
41.Дава мислење по предлог законите кои се однесуваат на општината;
42.Врши други избори и именувања од својата надлежност;
43.Донесува други одлуки за работите од своја надлежност;
44.Врши и други работи.


Член 22

Советот на општината може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот.
Советот на општината одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на Советот, а најмалку со една третина од вкупниот број членови на Советот, ако со Статутот не е предвидено посебно мнозинство.
Гласањето на седниците на Советот е јавно освен ако Советот не одлучи за одделни прашања гласањето да е тајно.

Член 23

Вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните, за прашања кои настанале поради вонредни околности (пожар, поплави, земјотреси и сл.) и при посета на делегација од друга земја кога истата сака да се обрати на членовите на Советот.

Член 24

Вонредната седница ја свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива, на предлог на најмалку 1/3 од членовите или на предлог на Градоначалникот.
Поканата за седницата со предложениот дневен ред се доставува до членовите на Советот на најбрз можен начин.
Пред отпочнување со работа членовите на Советот гласаат за оправданоста на причините за свикување на седницата без материјална расправа.

Член 25

За претресување на прашања од своја надлежност, Советот од својот состав формира комисии.
Комисиите на Советот се формираат како постојани и привремени.
Мандатот на постојаните комисии трае колку и мандатот на членовите на Советот.

Член 26

Постојани комисии на Советот се:
-Комисија за финансирање, Буџет и локален економски развој;
-Комисија за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина и природата;
-Комисија за општествени дејности;
-Комисија за статут и прописи;
-Комисија за мандатни прашања, избори и именувања;
-Комисија за месна самоуправа;
-Комисија за еднакви можности на жените и мажите;
-Комисија за унапредување на правата на пациентите во општината;
Комисиите се составени од 5 (пет) члена на Советот, освен Комисијата за унапредување на правата на пациентите во општината која е составена од 9 (девет) члена.

Член 27

Комисиите на Советот на општината:
-расправаат за прашања од областа за која се формирани;
-даваат мислења и предлози до Советот;
-ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, на членовите на Советот и иницијативите на граѓаните од областите за кои се формирани.


Член 28

Комисијата за финансирање, Буџет и локален економски развој, ги разгледува прашањата во врска со финансирањето на општината, Буџетот и годишната сметка, како и прашањата од планирањето и програмирањето на локалниот економски развој.

Член 29

Комисијата за урбанизам, комунални дејности, заштита на животната средина и природата ги разгледува прашањата од урбанистичкото планирање, прашањата од работата на јавните служби, прашањата од комуналното уредување на градот и населените места и прашањата од заштита на животната средина и природа.

Член 30

Комисијата за општествени дејности ги разгледува прашањата од надлежност на општината, а кои се однесуваат на културата, спорт и рекреација, социјална заштита и заштита на децата, образованието, здравствената заштита, јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, противпожарната заштита, прашања на односите на општината со верските заедници, меѓуопштинска соработка.

Член 31

Комисијата за Статут и прописи го утврдува предлогот на Статутот на општината, ги разгледува иницијативите и предлозите за измена на Статутот и ја следи неговата примена и ги разгледува начелните прашања од статутарен карактер.
Го утврдува предлогот на Деловникот на Советот.
Подготвува предлог мислења по предлог законите кои се однесуваат на општината.
Разгледува и други општи акти од надлежност на Советот на општината.

Член 32

Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања разгледува и подготвува предлози кои се однесуваат на мандатно имунитетните прашања.
Разгледува и подготвува предлози за избор и именување и разрешување од надлежност на Советот на општината.
Определува плати, надоместоци и други примања на избрани и именувани лица.
Дава предлог за висината на надоместокот на патните и дневните трошоци на членовите на Советот на општината, како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил Советот на општината.
Претседателот и членовите на комисијата ги избира Советот на општината на својата прва седница.

Член 33

Комисијата за месна самоуправа го разгледува функционирањето на облиците на Месна самоуправа и нивните органи, програмите за работа и други прашања врзани со работата на облиците на Месна самоуправа.

Член 34

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите промовира иницијативи за елиминација на секаков вид дискриминација врз основа на пол и се залага за еднакви можности при остварување на човечките права и слободи.
Комисијата ќе влијае на подобрување и унапредување на општествениот статус на жените и воспоставување на еднакви можности на жените и мажите во политичката, економската, социјалната, образовната, културната област и во другите области од општествениот живот.
Комисијата доставува иницијативи, мислења и други предлози до Советот и Градоначалникот, а за својата работа, преземените и планираните активности ќе го информира Советот на општина Виница.


Член 35

Комисијата за унапредување на правата на пациентите во општината, врши унапредување на правата на пациентите и нивната заштита, ја следи и проценува состојбата со заштитата на правата на пациентите, предлага мерки за подобрување на заштитата на правата на пациентите до надлежните органи, соработува со надлежните органи, разгледува поплаки од пациенти и предлага преземање на мерки до надлежни органи, бара стручна експертиза ако оцени дека тоа е неопходно за утврдување на состојбата, води евиденција за поединечни поплаки на пациентите, како и на мерките преземени за заштита на правата на пациентите, подготвува и издава годишен извештај за заштита на правата на пациентите пред Советот на општината, издава информации, промотивен и друг материјал со цел за унапредување на правата на пациентите и врши други работи пропишани со законот.

Член 36

Претседателот и членовите на комисиите ги избира Советот на општината, на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.
Предлогот за избор содржи онолку кандидати колку што се избираат членови на работните тела.
Политичките партии кои партиципираат во Советот на општината ќе бидат пропорционално застапени во вкупниот број на членови на сите комисии.

Член 37

Начинот на работата на комисиите поблиску се уредува со Деловникот на Советот на општината.

2. Градоначалник на општината

Член 38

Градоначалникот ја претставува и застапува општината.
Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со Закон за период од 4 (четири) години.
Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.

Член 39

Градоначалникот во рамките на своите надлежности:
-иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на Советот на општината;
-го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината;
-го предлага Годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината;
-го извршува Буџетот на општината;
-решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со Закон;
-раководи со општинската администрација;
-донесува Правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
-одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со Закон;
-избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;
-врши и други работи утврдени со Закон и со овој Статут;
Градоначалникот има право да присуствува и учествува во работата на седниците на Советот на општината.

Член 40

Градоначалникот ги објавува прописите на Советот во Службен гласник на општината.
Градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот.

Член 41

Градоначалникот е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на прописот на Советот, со решение да го запре неговото објавување доколку смета дека не е во согласност со Уставот и законите.
Примерок од образложеното решение за необјавување се доставува до претседателот на Советот на општината.
Советот е должен во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на решението да го разгледа и да одлучи по него. Ако Советот го потврди прописот во рокот од ставот 3 од овој член, Градоначалникот е должен во рок од 7 дена да го прогласи и објави прописот и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
За иницијативата, Градоначалникот е должен да го информира Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на Локалната самоуправа.


Член 42

Градоначалникот е должен да поднесе извештај за извршување на одлуките донесени од страна на Советот на секои 3 (три) месеци во текот на годината.
За извршување на своите надлежности, Градоначалникот го информира Советот по потреба, а најмалку 2 (два) пати во годината.

Член 43

Градоначалникот управува со сопственоста на општината како добар домаќин.
Во управувањето со сопственоста на општината, Градоначалникот е должен да презема мерки и да го обезбедува користењето на сопственоста во согласност со Закон.

Член 44

За време на спреченост или отсуство до шест месеци, Градоначалникот го заменува член на Советот на општината, кој го назначува Градоначалникот.
Во рок од 30 (триесет) дена од денот на преземањето на функцијата, Градоначалникот е должен со решение да го определи членот на Советот кој би го заменувал.
Решението од став 2 на овој член се објавува во Службен гласник на општината.
За денот на настапувањето на спреченоста или отсуството Градоначалникот го информира претседателот на Советот.
На членот на Советот му мирува функцијата член на Совет за време кога го заменува Градоначалникот.

3. Совет за заштита на потрошувачите

Член 45

Советот на општината за разгледување на прашања и утврдување предлози кои се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби основани од него, може да формира Совет за заштита на потрошувачите.

Член 46

Советот за заштита на потрошувачите е составен од 7 (седум) члена, од кои 3 (три) члена се избираат од редот на правните лица и 4 (четири) члена од редот на физички лица, како корисници на услугите што ги даваат јавните служби.
Членовите на Советот за заштита на потрошувачите се избираат на предлог на Комисијата на мандатни прашања, избори и именувања.
Мандатот на членовите трае 2 (две) години со можност повторно да бидат избрани.

Член 47

Советот за заштита на потрошувачите ја следи состојбата на квалитетот на услугите што ги даваат јавните служби, дава мислење и предлози за подобрување на квалитетот на услугите, организира јавни трибини, соработува со јавните служби и општинската администрација.


3. Партиципативно тело од областа на урбанизмот

Член 48

Во општината се формира партиципативно тело од областа на урбанизмот (совет, одбор) заради пренесување на ставовите и мислењата на граѓаните и правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, како и заради следење на состојбите и давање иницијативи, насоки и сугестии во процесот на планирање и изготвување плански решенија за општината.
Партиципативното тело од областа на урбанизмот се состои од 5 (пет) членови.

Член 49

Одлука за формирање на Партиципативно тело од областа на урбанизмот донесува Советот, на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.
Партиципативното тело се состои од: претставници од Советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината.

Член 50

Партиципативното тело од областа на урбанизмот од редот на своите членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Партиципативното тело со јавно гласање.

Член 51

Партиципативното тело од областа на урбанизмот работи на седници.
Седниците на телото од став 1 на овој член се јавни.
Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на телото.
Партиципативното тело може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број на членови и одлучува со мнозинство од вкупниот број на членови на телото.
На седниците можат да присуствуваат и учествуваат во работата Градоначалникот на општината и претседателот на Советот, без право на одлучување.


IV. Акти на органите на општината

а) Општи акти

Член 52

Во вршењето на работите од својата надлежност Советот на општината донесува прописи и тоа: Статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Советот на општината донесува и Деловник на Советот, решенија, заклучоци и други акти и дава мислење и утврдува насоки.

Член 53

Статутот е основен акт на општината со кој се утврдуваат основните прашања во врска со надлежностите и организацијата на општината и други прашања од значење за општината.
Статутот на општината се донесува во две фази и тоа како Нацрт-Статут и Предлог-Статут.
Статутот на општината го донесува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот на општината.

Член 54

Со Деловникот на Советот се уредува начинот на работа на Советот и неговите комисии, постапките за одлучување и односите со другите органи.
Деловникот на Советот на општината се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот на општината.

Член 55

Со Одлука на Советот се уредуваат работите од локално значење од надлежност на општината.
Со Одлука на Советот на општината, се основа општинска администрација и се уредува начинот на нејзиното работење и се основаат јавни служби.
Со Одлука Советот уредува и други прашања од својата надлежност.

Член 56

Советот донесува заклучоци кога разгледува поодделни извештаи, информации и анализи.
Советот дава мислење и утврдува насоки за извршување на прописите и другите акти што ги донесува Советот на општината.

Член 57

Постапката за донесување на општи акти се уредува со Деловникот на Советот на општината.
Општите и други акти се објавуваат во Службен гласник на општината.
Општите акти стапуваат во сила 8 (осмиот) ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Советот на општината со денот на објавувањето.

б) Поединечни акти

Член 58

Советот и Градоначалникот во рамките на својата надлежност донесуваат поединечни акти.
Советот донесува решенија за избор и именување.
Градоначалникот на општината донесува решение.

Член 59

Градоначалникот на општината е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на актите да ги објави во „Службен гласник на општината “.

Член 60

За објавени акти се води посебна збирка.
Збирката можат да ја користат граѓаните и истата ќе биде во секое време на увид.


V. Облици на непосредно учество на граѓаните во одлучување на општината

а) Граѓанска иницијатива

Член 61

Граѓаните имаат право да му предложат на Советот на општината да донесе одреден акт или да реши одредени прашања од своја надлежност.
Советот е должен во рок од 90 дена да расправа по иницијатива на граѓаните доколку истата е подржана во најмалку 10% од избирачите на Општината.
Поддршката од став 2 на овој член се обезбедува со потписи на граѓаните.
За решенијата по поднесената иницијатива Советот ги информира граѓаните.
Граѓанска иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања.

б) Собир на граѓани

Член 62

Собир на граѓани свикува Градоначалникот по своја иницијатива, на барање на најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определено прашање.
Собир на граѓани може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месна самоуправа.
Градоначалникот е должен во рок од 30 дена да свика собир на граѓани на барање од најмалку 10% од избирачите во општината или месната самоуправа за која се однесува определеното прашање.
Барањето за свикување собир на граѓани со потписи на заинтересираните граѓани се поднесува до Градоначалникот.
Актот за свикување на собирот на граѓаните се објавува во локалните средства за информирање и се истакнува на јавни места на вообичаен начин.
Од денот на објавувањето, односно истакнувањето на актот за свикување на собирот на граѓаните до денот на неговото одржување мора да изминат најмалку 5 дена.

Член 63

На собирот на граѓани во одлучувањето учествуваат граѓаните кои имаат избирачко право.
Собирот на граѓаните го води Градоначалникот или лице овластено од него.
За прашањата за кои се расправа на собирот на граѓани известува Градоначалникот, а по потреба и други овластени претставници на општинската администрација.

Член 64

Заклучоците донесени на Собирот на граѓани, органите на општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на кои се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.


в) Референдум

Член 65

Референдум може да распише Советот на општината по своја иницијатива за прашања од негова надлежност.
Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината.
Барањето за распишување на референдум се доставува до Советот на општината со потписи на заинтересираните избирачи дадени пред надлежниот орган кој води евиденција за избирачкото право на граѓаните на општината.

Член 66

По барањето за распишување референдум Советот на општината во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на барањето донесува одлука за распишување референдум.
Одлуката за распишување референдум содржи предмет на референдумот и денот на неговото одржување.

Член 67

Одлуката за распишување референдум се објавува во Службено гласило на општината и другите средства за објавување во општината.
Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум до денот на одржувањето на референдумот не може да поминат помалку од 15 дена, ниту повеќе од 60 дена.

Член 68

Право на гласање на референдумот имаат граѓаните кои имаат избирачко право.
Референдумот го спроведува Комисија за спроведување на референдум.
Претседателот и членовите на комисијата ги именува Советот на општината.

Член 69

Комисијата за спроведување на референдумот:
-го определува времето на гласање,
-врши технички подготовки за спроведување на референдумот,
-ги определува гласачките места,
-ги утврдува резултатите од гласањето и
-се грижи за законито спроведување на референдумот.

Член 70

За спроведување на гласањето на референдумот, Комисијата за гласачките места формира одбори за спроведување на референдумот.
Одборите ја спроведуваат правилноста и тајноста на референдумот.

Член 71

Времето на гласањето мора да се определи така што да им се овозможи учество на референдумот на сите граѓани што имаат право на глас.
На гласачкато место на кое гласале сите граѓани запишани во избирачкиот список, гласањето може да заврши и пред истекот на времето определено за гласање.

Член 72

Прашањето, односно актот што е предмет на референдумот мора да биде на соодветен начин изложено на гласачкото место.
Членовите на одборот се должни на граѓанинот што пристапил на гласање, по негово барање да му дадат објаснување за предметот на референдумот и за начинот на гласање.

Член 73

На референдумот секој граѓанин има право само на еден глас.
Граѓанинот може да гласа само лично.

Член 74

На референдумот се гласа со гласачко ливче.
Содржината на гласачкото ливче ја пропишува Комисијата за спроведување на референдумот.
Прашањето на гласачкото ливче мора да биде формулирано прецизно и недвосмислено така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со “ЗА“ или“ПРОТИВ“ предлогот.


Член 75

Граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото ливче го заокружува зборот “ЗА“ или “ПРОТИВ“.
Кога на референдумот се поставени повеќе алтернативи, граѓанинот се изјаснува така што го заокружува зборот “ЗА“ или “ПРОТИВ“ од алтернативата за која гласа.

Член 76

По завршување на гласањето, Одборот го утврдува резултатот од гласањето на гласачкото место и за тоа составува записник.
Формата и содржината на записникот ги пропишува Комисијата за спроведување на референдумот.
Веднаш по составувањето на записникот, Одборот доставува извештај до комисијата за спроведување на референдумот.

Член 77

Комисијата за спроведување на референдумот врз основа на примениот гласачки материјал од сите гласачки места го утврдува резултатот од референдумот.
Одлуката на референдумот се донесува со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.
Комисијата за спроведување на референдумот поднесува извештај за спроведениот референдум до Советот на општината. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за Советот.

Член 78

Прашањето, односно актот што граѓаните не го прифатиле на референдумот не може повторно да се изнесува на референдумот пред истекот на 6 (шест) месеци од денот на одржувањето на референдумот.

г) Претставки и предлози

Член 79

За работата на органите на општината и општинската администрација, граѓаните имаат право, поединечно или заеднички со другите да доставуваат претставки и предлози.

Член 80

Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник, поединечно или групно, до Градоначалникот.
За претставките и предлозите не се плаќа такса.

Член 81

Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесување на претставка, ниту поради тоа може да биде повикан на одговорност.

Член 82

Постапувањето по претставките и предлозите опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на претставката, како и преземање на потребни мерки за отстранување на повредата на правото на подносителот или повреда на јавните интереси.

Член 83

Градоначалникот на општината е должен најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот на подносителот да му достави образложен одговор.
Ако претставката или предлогот не се однесуваат на работата од надлежност на органите на општината, Градоначалникот го доставува до соодветниот надлежен орган и за тоа го известува подносителот.


д) Јавни трибини, анкети, предлози на граѓаните и форуми на заедницата

Член 84

Органите на општината при донесувањето на прописи од својата надлежност претходно можат да организираат јавна трибина, да спроведат анкети, да побарат предлози од граѓаните или да организираат форуми на заедницата.
Јавна трибина се организира кога се донесуваат прописи за прашања од локалниот економски развој, комунални потреби (водоснабдување, одржување на јавна чистота, одржување на локални патишта и улици) и други прашања од пошироко локално значење.
Анкета се спроведува за донесување на урбанистички планови и други прашања од локално заначење.
Прибирање предлози од граѓаните за решавање на прашања од локално значење, ќе се врши преку објавување на соопштение со кое ќе се повикаат граѓаните да даваат свои предлози.
Постапката, начинот и времето на преземање на една од наведените активности од ставот 1 на овој член, ќе се уреди со Одлука донесена од органот кој ја организирал.

Член 85

Градоначалникот и Советот на Единицата на локалната самоуправа Виница по сопствена иницијатива организираат форуми на заедницата, како форма на јавно учество на сите граѓани во единицата на локалната самоуправа, заради јавно расправање за проблемите и утврдување решенија и приоритети, предлагање и избор или развивање на проекти од интерес на заедницата.
Организирањето на форумите опишани во претходниот став од овој член може да се покрене и на иницијатива на заинтересирани правни и физички лица кои се подготвени финансиски и материјално да подржат проекти во интерес на единицата на локалната самоуправа.
Барањето од став 2 на овој член се поднесува до Градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, кој врз основа на стратешките документи и цели за развој на единицата на локалната самоуправа одлучува дали иницијативата ќе биде прифатена или одбиена.
Начинот и постапката на функционирањето на форумите на заедницата се уредува со Правилник што го донесува Советот на единицата на локалната самоуправа по предлог на Градоначалникот.

VI. Информирање на граѓаните и слободен пристап до информациите од јавен карактер

а) Информирање на граѓаните

Член 86

Органите на општината, комисиите на Советот на општината и јавните претпријатија и установи основани од општината, ги информираат граѓаните за одлуките и своите активности кои се од непосредно значење за животот и работата на граѓаните во општината и за други информации од јавен интерес.
Граѓаните на општината се информираат за:
-прописите кои ги донесува Советот на општината;
-начинот и условите за остварување на нивните права;
-обврските на граѓаните кои произлегуваат од надлежноста на општината;
-плановите, проектите и програмите кои се во подготовка, а се од значење за развојот на општината;
-услугите кои ги добиваат од јавните служби и општинската администрација и начинот на нивно добивање;
-приходите кои се остваруваат во општината и начинот на нивна распределба и трошење;
-јавни набавки на основни средства за работа;
-именување на директори и претставници во управните одбори на јавните претпријатија, установи и училишта;
-други информации кои произлегуваат од надлежноста на органите на општината и јавните претпријатија и установи во согласност со закон.


Член 87

Информирањето на граѓаните на општината се врши редовно, без надоместок преку:
-издавање Службен гласник на општината;
-веб страна на општината;
-издавање и дистрибуција до граѓаните на месечни информативни билтени;
-објавување на публикации;
-информативни канцеларии водени од општинската администрација и јавните служби основани од општината;
-огласни табли (во просториите на органите на општината, Месните заедници, јавните претпријатија и установи);
-јавни трибини во Месните заедници за одредени прашања;
-средства за јавно информирање и
- на друг соодветен начин кој е најповолен за информирање на јавноста.

Член 88

Советот на општината со посебна одлука може да утврди за одредени информации да се информира и на јазикот кој не е службен јазик во општината, а го зборуваат дел од жителите на општината.

б) Слободен пристап до информациите од јавен карактер

Член 87

Информирањето на граѓаните на општината се врши редовно, без надоместок преку:
-издавање Службен гласник на општината;
-веб страна на општината;
-издавање и дистрибуција до граѓаните на месечни информативни билтени;
-објавување на публикации;
-информативни канцеларии водени од општинската администрација и јавните служби основани од општината;
-огласни табли (во просториите на органите на општината, Месните заедници, јавните претпријатија и установи);
-јавни трибини во Месните заедници за одредени прашања;
-средства за јавно информирање и
- на друг соодветен начин кој е најповолен за информирање на јавноста.

Член 89

Во општината се обезбедува правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат органите на општината (Советот и Градоначалникот), јавните претпријатија и установи основани од општината и правни и физички лица со доверени јавни овластувања од општината.
По исклучок, во случаи утврдени со закон, правото на слободен пристап до некои информации со кои располагаат имателите на информации од став 1 на овој член, може да биде ограничен или да се обезбеди делумен пристап.

Член 90

За информациите со кои располагаат и до кои се обезбедува слободен пристап, имателите на информации востановуваат и водат листа на информации која се објавува на начин кој е достапен за барателите на информациите.
За листата на информации и условите и начинот на слободен пристап до информациите, граѓаните на општината се известуваат преку огласна табла или на друг погоден начин.
Имателите на информации се должни редовно, а најдоцна во рок од 3 месеци да ја ажурираат листата на информации од јавен карактер со која располагаат.
Листата на информации од јавен карактер за органите на општината ја предлага Градоначалникот, а ја утврдува (донесува) Советот на општината.
Листата на информации од јавен карактер за Јавните претпријатија и установи основани од општината ја утврдува Управниот одбор на предлог на директорот.

Член 91

Постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации се остварува во согласност со закон.
Градоначалникот на општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап на информациите од јавен карактер со кои располагаат Советот на општината и Општинската администрација.
Директорот на Јавното претпријатие и Јавната установа основани од општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат, согласно Статутот на претпријатието и установата.


Член 92

Слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат имателите на информации имаат сите правни и физички лица ( во натамошниот текст барател на информацијата ).
Слободниот пристап до информации се остварува:
-со увид во документите со кои располага имателот на информацијата;
-со добивање препис, фотокопија или електронски запис од документите со кои располага имателот на информацијата, Имателот на информацијата за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите определува службено лице.

Член 93

Барателот на информацијата за извршениот увид или добиениот препис, фотокопија или електронски запис на информацијата, плаќа соодветен надоместок во висина на материјалните трошоци, утврдени на начин утврден со закон.
Барателот на информацијата при поднесување на барањето се известува за плаќањето и висината на соодветниот надоместок.

Член 94

Имателот на информацијата ако не ја достави бараната информација, барателот има право на Жалба до Државната комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Член 95

Советот на општината усвојува Годишен извештај за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите во минатата година во општината.
Годишниот извештај за остварувањето на слободен пристап до информации го подготвува Градоначалникот на општината и го доставува до Советот најдоцна до 31 јануари во тековната година.
Извештајот од ставот 1 на овој член ги содржи и податоците за остварениот слободен пристап до информациите со кои располагаат и јавните служби кои ги формира општината.
Извештајот од став 1, по усвојувањето се доставува до Државната комисија за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.


VII Сопственост на Општина Виница

Член 96

Сопственоста на општината ја сочинуваат неподвижни и подвижни ствари, парични средства и права.
Сопственоста општината ја стекнува од сопствени извори на приходи, по пат на финансирање од граѓаните или со нивно учество на друг начин, од подароци и по други основи.

Член 97

За купување, отуѓување и оптоварување на сопственоста на општината одлучува Советот на општината.
Отуѓување на сопственоста на општината се врши само по пат на јавно наддавање, согласно Закон.
Продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност.
Средствата добиени од продажбата на стварите може да се инвестира само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари во сопственост на општината.

Член 98

Општината ја евидентира својата сопственост и нејзината проценка се искажува во годишната сметка.

Член 99

Стварите во сопственост на општината можат да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно наддавање, во согласност со Закон.

Член 100

Општината се финансира од сопствени извори на приходи, локални даноци, надоместоци и такси утврдени со Закон, дотации од државата и други извори на приходи утврдени со Закон.
Општината во рамките на своите надлежности, самостојно располага со сопствените извори на приходи.

Член 101

Приходите и трошоците на општината се утврдуват со Буџетот на општината.
Буџетот на општината содржи биланс на приходи и трошоците на Буџетот, а се однесува за фискална година од 12 (дванаесет) месеци која почнува од 1-ви јануари, а завршува на 31-ви декември од секоја календарска година.

Член 102

Предлогот на Буџетот на општината го утврдува Градоначалникот и го доставува до Советот на општината за донесување не подоцна од средината на месец ноември.
Советот на општината не може да го разгледува предлогот на Буџетот на општината пред истекот на 20 (дваесет) дена од денот на доставувањето до советниците на Советот на општината.

Член 103

За секоја промена на Буџетот на општината, за дополнително усвоени трошоци пропратено со мерки што ќе ги зголемат предложените приходи или ќе ги намалат другите трошоци во сразмерен износ, Одлука донесува Советот на општината.

Член 104

За покривање на непредвидените барања за трошоци кои ќе се појават во текот на Буџетската година, од вкупните тековни и капитални трошоци се издвојува Буџетска резерва во висина утврдена со Закон.
За користење на средствата од Буџетската резерва одлучува Советот на општината по предлог на Градоначалникот на општината.
Советот на општината со Одлука може да го овласти Градоначалникот за начинот на користење на Буџетската резерва.

Член 105

До колку Буџетот на општината за наредната година не биде донесен до 31-ви декември во тековната година, ќе се постапи согласно Законот за буџетите и се воведува времено финансирање и тоа најдолго за 3 (три) месеци.

Член 106

На крајот на секоја фискална година се изготвува Годишна сметка на Буџетот на општината.
Годишната сметка на Буџетот, Советот на општината треба да ја усвои најдоцна до 15-ти март во тековната година, за претходната година.

Член 107

Извршувањето на Буџетот на општината го врши Градоначалникот, а поконкретно се уредува со Одлуката за извршување на Буџетот на општината.


VII Месна самоуправа на во општината

Член 108

Граѓаните во општината одлучуваат и за работите од непосредно и секојдневно значење од својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа кои можат да ги основаат согласно со овој Статут.

Член 109

Во општината како облици на месна самоуправа можaт да се основаат во градот-урбани заедници и во другите населени места-месни заедници.

Член 110

Подрачјето за кое се основаат урбаните заедници се границите на урбаните единици утврдени со урбанистичкиот план на градот.
Подрачјето за кое се основаат месните заедници се границите на катастарската општина на населеното место.

Член 111

Иницијатива за основање облици на месна самоуправа можат да покренат најмалку 10% од вкупниот број на гласачи, жители на подрачјето за кои има интерес за основање на облик на месна самоуправа.

Член 112

Иницијативата за основање содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на обликот на месна самоуправа, образложение на потребите за основање и потпис на заинтересираните граѓани.
Иницијативата за основање се доставува до Советот на општината кој ја разгледува и оценува дали се исполнети условите и основните потреби за основање на облик на месна самоуправа.

Член 113

Одлуката за основање на облик на месна самоуправа се донесува на Собир на граѓани од соодветно подрачје по пат на јавно гласање со мнозинство гласови од присутните граѓани.

Член 114

Граѓаните преку облиците на месната самоуправа, во согласност со овој Статут и одлуките за основање се грижат за:
-решавање на прашања од комунална инфраструктура за соодветното подрачје;
-изградба и одржување на објекти од јавен интерес (водоводи, улици, културни домови, спортски објекти и др.);
-заштита на животната средина и природата;
-уредување и одржување на гробиштата во селските населби;
-покренување на иницијатива за уредување на просторот;
-организирање на културни, спортски, забавни и други манифестации и
-други работи од непосредно секојдневно значење за животот и работата на граѓаните.
Советот на облиците на месната самоуправа дава иницијатива и предлози до надлежните органи на општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.

Член 115

Работите од членот 114 на овој Статут се финансираат од:
-средства кои што општината им ги отстапи на облиците на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој;
-средства што граѓаните непосредно ги здружуваат;
-средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;
-средства од надомест на услуги и подароци и други средства.


Член 116

Орган на облиците на месна самоуправа е Советот.
Советот го избираат граѓаните на обликот на месната самоуправа на собир на граѓани со јавно гласање, доколку Собирот не одлучи гласањето да биде тајно.
Советот е составен од 3 (три) до 7 (седум) члена.
Мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години.

Член 117

Одлука за распишување на избор на членови на Советот донесува Советот во стариот состав, најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот.
Ако Одлуката од став 1 на овој член не се донесе во утврдениот рок, Одлука за распишување на избор на членови на Советот донесува Градоначалникот на општината во рок од 15 дена.

Член 118

Предлагање и утврдување на кандидати за членови на Советот се врши на собир на граѓани на кои присуствуваат најмалку 10% од вкупниот број на гласачи.
За утврдени се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на Собирот.

Член 119

Постапка за предлагање, утврдување и избор на членови на Советот поблиску се уредува со Правилата за работа на обликот на месна самоуправа.

Член 120

За избрани членови на Советот се сметаат кандидати кои добиле мнозинство, односно најголем број на гласови од избирачите кои гласале.

Член 121

Советот од своите членови избира претседател кој го претставува и застапува обликот на месната самоуправа.
Советот донесува правила со кои се уредува работата на обликот на месната самоуправа како и програма за работа, по претходно мислење на Советот на општината.

Член 122

Градоначалникот на општината, со решение може да делегира вршење на определени работи од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, на претседателот на Советот на обликот на месната самоуправа.
Средствата потребни за извршување на работите, од став 1 на овој член се утврдуваат со решението за делегирање на надлежноста.
Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од став 1 на овој член.

Член 123

Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствените-финансиските работи на органот на обликот на месната самоуправа.
Контрола над трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.


IX Начин и постапка за утврдување и употреба на грбот и знамето на општината

Член 124

Грбот и знамето на општината се утврдуваат со Одлука на Советот на општината.
За утврдување на грбот и знамето на општината, Советот на општината распишува конкурс и формира комисија.

Член 125

Комисијата од пристигнатите трудови по објавениот конкурс утврдува предлог за грб, односно знаме на општината и го доставува до Советот на општината на усвојување.

Член 126

Советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот одлучува по предлогот на комисијата.
Одлуката на Советот за утврдување на грб, односно знаме на општината е составен дел на Статутот на општината.

Член 127

Грбот на општината се употребува во состав на печатот на општината.
Грбот на општината може да се употребува и на официјални покани, честитки и на слични акти што ги користат Советот и Градоначалникот на општината.
Советот на општината може да одобри употреба на грбот на општината на физички и правни лица, ако оцени дека е во интерес на општината.

Член 128

Знамето на општината се истакнува на зградата на општината и на видни места во општината.
Знамето на општината може да се истакнува и при меѓународни средби, натпревари и други собири на кои учествува или е презентирана општината.

Член 129

Грбот и знамето на општината не смеат да се употребуваат ако се оштетени или со својот изглед се неподобни за употреба.

Член 130

Свечената песна-химна ќе се користи при одбележување на државни и општински празници и свечености.
Начинот и условите за изработка на свечена песна-химна се уредува со одлука на Советот на општината.


X Заштита на општината

Член 131

Иницијатива за оцена на уставноста на законите и уставноста и зконитоста на општите акти на Министерствата и други органи на Државната управа со кои се нарушува уставната положба и правата на општината утврдени со Уставот и законите, може да поднесат Советот односно Градоначалникот на општината до Уставниот суд на Република Македонија.

Член 132

Градоначалникот на општината има право да бара судска заштита пред надлежните судови кога на општината и се попречува вршење на дадените надлежности со Устав и закон, со акти и активности на органите на државната управа и на Владата на Република Македонија.

XI Постапка за измени и дополнувања на статутот на општината

Член 133

Измени и дополнувања на Статутот на општината можат да предложат најмалку ½ од членовите на Советот на општината, Градоначалникот на општината или најмалку 10% од избирачите во општината.

Член 134

Одлуката за пристапување кон измени на Статутот донесува Советот на општината со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Член 135

Измените на Статутот на општината се донесени ако за нив гласале мнозинство од членовите на Советот на општината.

XII Преодни и завршни одредби

Член 136

Со денот на влегувањето во сила на овој Статут престанува да важи Статутот на општина Виница број 07-194 од 12.03.2004 година, објавен во „Сл.гласник на општина Виница број 2/04“, Одлуката за измена и дополнување на Статутот на општина Виница со одредбите за информирање на граѓаните и слободен пристап до информациите од јавен карактер број 07-1164 од 29.09.2005 година објавена во „Службен гласник на општина Виница број 9/05“ и Одлуката за измена и дополна на Статутот со Одлука за формирање на Комисија за еднакви можности на жените и мажите број 07-1148 од 30.11.2006 година, објавена во „Службен гласник на општина Виница број 8/06“.

Член 137

Овој Статут влегува во сила 8 (осмиот) ден од денот на објавувањето во „Сл.гласник на општина Виница“.

СОВЕТ НА ОПШТИНА ВИНИЦА
Претседател,
д-р Мартин Павлов

Општина Виница
ул. Бел Камен бр. 13
телефон: 033 361-945, mail: ovinica@t-home.mk