Секоја општина преку Дирекцијата за заштита и спасување има ангажирано механизација и работи на расчистување на коритото на реката во рамките на локалните граници. Големи наноси од тиња, скршени дрвја, речиси целата река е блокирана од децениската негрижа на нас околните жители, но и сето она што си го носат временските прилики. Деновиве од мостот на Брегалница постигната е одредена прегледност, регулиран е дел од коритото кој со години се излеваше предизвикувајќи поплави во околните ниви, ангажирана е тешка механизација од виничка приватна фирма, а финансиските трошоци се покриени со средства од Владата на РМ. Ланската година со акциониот план на Владата во Виница беа исчистени Градечка и Виничка река, како и т.н. Лесковски Дол со што се надмина деценискиот проблем со поплавите и лошото искуство од претходните години.