ЕМИЛ ДОНЧЕВ: Она што и недостига на Виница, е за момент да заборавиме на секојдневните проблеми, она што човекот го прави човек, дружењето и меѓусебната комуникација на луѓето. Кога на едно место има повеќе луѓе , тие се чувствуваат посигурно и знаат дека се дел од нешто што постои. Токму тоа беше и идејата за заживување на овие наши заборавени традиции и културни вредности. Се покажа како доста успешно за почеток, а за во иднина со уште подобра организација и со осмислување на нови настани ќе настојуваме културата, спортот, традицијата, забавата да бидат дел од секојдневието на жителите на општина Виница.
ВИНЕАМ:
Има ли општината средства за подобрување на инфраструктурата, колку во 2010г. се планирани средства за капитални проекти, кои се тие и се очекува ли реализација на истите?
ЕМИЛ ДОНЧЕВ:
Секако дека општината има планирано средства за подобрување на инфраструктурата, во делот на изградба или реконструкција на патишта, водоводи, канализации, и она што веќе го преземавме како прв чекор е составување на листа на приоритетни проекти за оваа година, кои ги имаме како техничка документација, меѓутоа согласно измените и дополните во Законот за градба, во моментот тече јавна набавка за избор на проектантска куќа која ќе изврши ревизија на овие проекти. Овде сакам да истакнам дека поголема ставка во Буџетот е предвидена за изработка на проектна документација што е прв услов за аплицирање на јавни повици, било на ниво на држава, било меѓугранични. Во врска со вториот дел од вашето прашање, ова нека биде и официјална најава, како капитален проект планираме изградба на мини акумулација на Виничка Река. Водата од оваа акумулација би се користела во периодот јули-август, кога на Виничко Поле најмногу му недостасува вода. Исто така планираме и реконструкција на мрежата за наводнување на полето покрај Градечка Река и ја испитуваме можноста за изградба на мини зафат таму. Ова се приоритети во мојата програма и се надевам дека ќе ги реализирам. ВИНЕАМ: Колкава е подршката од Централната власт во реализацијата на локалните проекти?
ЕМИЛ ДОНЧЕВ:
Со оглед на околностите, Владата на РМ дава максимална подршка на општините, вклучувајќи ја и нашата. Еве, сведоци сме на завршување на еден проект “патот Превалец-Смојмирово“, што е од огромно значење за нашата општина. Се надевам дека наскоро ќе започне и изградбата на обиколницата што е исто така од големо значење за Виница. Чистењето на речните корита на Градечка река и Лесковски Дол, се покажа како исклучително добар потег, бидејќи немавме ниту една поплава. Исто така со подршка на МТСП ќе градиме нова занимална во детската градинка, со што ќе го решиме проблемот со недостиг на капацитети за чување деца. Во моментот ја разгледуваме можноста за изградба на зграда на Машинскиот факултет во Виница, секако во соработка со Универзитетот “Гоце Делчев“ и МОН. Веќе деновиве ќе ја започнеме реконструкцијата на патниот правец од црквата Св.Спас до селото Пеклани. Ќе се изврши и пробивање со тампонирање и асфалт на патниот правец Грлани-Маринци, а е планирано асфалтирање и на патот Драгобраште –Мирмарци. Веќе е изберен најповолен понудувач “Гранит“, а средствата се одобрени од Светска Банка.
ВИНЕАМ:
На трибината на СДСМ во Виница бевте нападнати од локалното раководство за нерационално трошење на општинските пари, за новите вработувања и за портокаловата боја. Кој е вашиот коментар?
ЕМИЛ ДОНЧЕВ:
Колку што разбрав, на таа трибина “Решенија за Македонија“ повеќе се кажувале лаги, клевети и навреди, отколку идеи и начини на решавање на проблеми, и заземање сопствени ставови, меѓутоа тоа е препознатлив и веќе виден стил што го применува една политичка партија. Не би сакал да ги коментирам нивните смешни реторики како на пример со моите посети во странство и собирањето позитивни искуства од тие земји, за што преку информативното гласило “Винеам“ редовно ги известував граѓаните на о.Виница, за давањето под концесија на градскиот базен, кој договор го има на веб-страната на општина Виница. Ќе ви дадам само еден податок, според истражувањето на УСАИД и направените анализи, ЕЛС Виница е една од најтранспарентните општини во РМ. Државниот просек е со коефициент 5.5, а ЕЛС Виница е со коефициент 8, а ЕЛС Виница има коефициент 8, а во врска со портокаловата боја нека проценат граѓаните, доколку не изгледа добро ќе избереме друга боја!?

претходна страна следна страна