Виница слободно може да се гордее со својот државен првак, oсмооделенецот Бојан Серафимов и годинава му нема рамен во математика, но и во физика, а веќе со сигурност е и првиот ученик од Виница кој ќе учи во “Јахја Кемал“ каде целосно е ослободен од школарина и интернат, а ќе добива и стипендија од Министерството за образование и наука. “Ако ученикот не е надарен, нема талент и не работи, не може да ги постигне тие резултати што Бојан ги постигнува. За Виница е гордост што продуцира еден ваков ученик. Сметам дека Бојан е добро насочен, успеа да влезе во “Јахја Кемал“ каде математиката е главен предмет и целосно е ослободен од трошоците кои неофицијално се заокружуваат на 5000 евра годишно. Очекувам неговите успеси да бидат уште поголеми, бидејќи сепак тоа е училиште кои вложува средства во развојот на своите ученици.“ истакна Љубомир Иванов, ментор на Бојан. Бојан е мултиталент кои своите натпросечни потенцијали ги докажал и во други области, а особено во музиката, но во изборот сепак перспективата на струката ќе му биде главен приоритет. Сојузот на математичари на Македонија само ги исфрла талентираните ученици, но нема некои посебни стимулативни мерки како награда за нивниот труд, а и училиштата не се финансиски моќни за да ги наградуваат или евентуално стипендираат своите таленти. “Она што ние како училиште сме моќни да помогнеме е организираната дополнителна настава со надарените деца, и евентуално да покриеме дел од трошоците за пат“ истакна директорот Јордан Стојанов. ОУ “Славчо Стојменски“ гордоста со своите прваци ја покажа со гест на доделување скромни награди, за двете освоени втори места на државниот натпревар по историја и учеството на натпревари по македонски јазик и англиски.