Многу одамна, според едни пред двеста години, според други пред три века, целата околина на Виница била покриена со винова лоза. Една година зафатила голема суша. Земјата испукала, реките и изворите пресушиле . Добитокот почнал да умира од големата суша и горештина. Во таа сушна година лозјата родиле како никогаш дотогаш. Луѓето немале доволно садови да го соберат грозјето и виното. Таа година еден Виничанец по име Захариј градел куќа, ама немало вода за правење малтер, и бидејќи ја брзал изградбата на куќата, им наредил на мајсторите да ги земат бочвите со вино од визбите и да ги измешат со малтерот, за да ја завршат куќата. Мајсторите ем пиеле вино, ем со вино правеле малтер. И другите жители во населбата почнале да го користат виното за правење малтер. Веста за правењето на малтерот со вино брзо се пренела низ населбата и околината, и по тој настан населбата ја завикале Виница, и тоа име е задржано до ден денес. Куќата од вино сеуште е тука, во солидна состојба, виното очигледно добро ја заштитило истата од разните временски неприлики, а во неа денес живее фамилијата Ефтимови, а пред нив благословот на виното го почуствувале и многу други фамилии.